Денес се одржа работен состанок со претставниците на Mastercard, преку видео конференциска врска, каде беше презентирано решението за дигитално идентификување на граѓаните на Република Северна Македонија.
На работната средба присуствуваа премиерот на Република Северна Македонија Зоран Заев, министерот за информатичко општество и администрација Јетон Шаќири, министерот за финансии Фатмир Бесими, како и високи претставници на компанијата Mastercard, претставници на НБРМ и претставници на единицата за финансиско разузнавање.
“Овој месец се навршува една година од потпишувањето на меморандумот за воспоставување на услуга за дигитална идентификација за граѓаните на Република Северна Македонија. Можеме да имплементираме најсовремени системи за е-услуги, да инвестираме во опрема и софтвер, но без средства за електронска идентификација, ги испраќаме граѓаните на шалтерите како што правеа пред неколку децении. Живееме во време кога технологијата ги менува нашите животи на подобро и сите треба да придонесеме за тоа. Со воспоставувањето на услугата за дигитална идентификација, граѓаните од своите домови ќе аплицираат за услугите во земјата и услугите на компаниите во приватниот сектор “, рече министерот Јетон Шаќири.
Министерот Шаќири посочи дека, користејќи ја услугата за електронска идентификација, јавните институции и компаниите во приватниот сектор со сигурност ќе го знаат идентитетот на лицето кое ја побарало услугата и дека истото лице ја потврдува имплементацијата на таа услуга, без можност за каква било измама.
„Дигитализацијата е процес што може да создаде услови за поголем економски раст, раст што ни е итно потребен. Во рамките на Стратегијата за закрепнување и забрзан раст (SmartER Growth), според која дејствуваме со цел да го забрзаме економскиот раст во земјата, ја препознаваме и високо ја цениме дигитализацијата на економијата и јавните услуги како предуслов за забрзан инклузивен и одржлив раст . Концептот на дигитална економија е систем на институционални концепти и содржи достигнувања на прогресивните технологии, а крајната цел е да се зголеми ефективноста на вкупното производство преку оптимизирање на процесите и намалување на трошоците. Тоа е економија заснована на професионално знаење, познавање на пазарот, но и креативност и иновативно општество “, рече министерот Бесими.
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, истакна дека на овој начин нашата земја ќе биде дел од светските трендови:
„Со оваа можност, правиме голем и важен чекор во дигитализацијата на нашиот сопствен идентитет, што е предуслов за многу безбедни мрежни услуги во земјата и во светот“. Имено, документите што ќе бидат потпишани преку оваа апликација ќе бидат препознаени не само кај нас, туку и во сите земји во Европа и каде што услугата за електронска идентификација на Mastercard е продадена. Решението развиено од Mastercard може да го користат институции, но и деловни субјекти кои сакаат да ја искористат технологијата, да воведат дигитализација на нивните процеси и да ги заменат хартијата и пенкалото со електронски документи, електронски потпис и одобрување преку паметни телефони. „Дигиталната идентификација ќе овозможи секој процес или постапка што бара потпис и лично присуство да се направи од дома, од работа или каде било преку мобилните телефони“, рече премиерот на Република Северна Македонија, Зоран Заев.
Ова е прва услуга за електронска идентификација на граѓаните и ќе биде достапна за два месеци.
На денешниот работен состанок учествуваа Никола Николов од МИОА, координатор на работната група за спроведување на меморандумот со Mastercard за воспоставување на услуга за дигитална идентификација, како и Паоло Батистон од Mastercard, кој е извршен потпретседател за услуги во Европа. Иван Хаџов, деловен менаџер за развој на дигитални производи за Северна Македонија, Косово и Албанија во Mastercard, како и Георги Димитров, член на Управниот одбор на Евротруст.